Меѓународната заедница е загрижена за насилството во Судан и апелираат да прекине.
Во главниот град на Судан, Картум, од изутрината непрекинато одекнуваат експлозии и се слушаат истрели, по неколкудневната напнатост меѓу војската и паравоените сили во земјата.
Специјалниот претставник на Обединетите нации во Судан, Волкер Пертес изјави дека најостро го осудува насилството.
„Контактирав со двете спротивставени страни, барајќи од нив веднаш да ги прекинат борбите за да се осигури безбедноста на суданскиот народ и да се поштеди земјата од понатамошно насилство“, наведе Пертес.
Конфликтите во Судан меѓу војската и паравоените групи мора веднаш да завршат, рече американскиот државен секретар Антони Блинкен во саботата, 15-ти април. Тој на Твитер напиша дека е многу загрижен по информациите за борбите.
„Ги повикуваме сите актери веднаш да го прекинат насилството и да избегнат понатамошна ескалација и да продолжат со дискусиите за решавање на отворените прашања“, објави Блинкен на Твитер.
Видете и ова: Експлозии и истрели во главниот град на СуданВисокиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска ги повика спротивставените страни во Судан да го прекинат насилството.
Тој додаде дека персоналот на Европска Унија во Судан е безбеден.
Суданските паравоени паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) соопштија дека презеле контрола врз претседателската палата, резиденцијата на генералот Абдел Фатах ал Бурхан, како и врз меѓународниот аеродром во Картум и врз аеродромите во Мерове и во Ел Обејд.
Додека суданската армија негира дека е заземен аеродромот во Картум и соопшти дека презема мерки против РСФ.
Судирите помеѓу РСФ и суданската армија, покрај Картум и Мерове се проширија и во главниот град на сојузната држава Северен Дарфур, Ел Фашер. Очевидци тврдат дека судири има и во околните градови. Локалните лекари тврдат дека има цивилни жртви
Судирите избија поради предлогот за повторно воспоставување на цивилна власт во Судан. Од воениот удар во 2021 година со Судан раководи Суверен совет составен од армиски генерали.
РСФ е под команда на потпретседателот на Советот, генерал Мохамед Хамдан Дагал, а армијата ја предводи генералот Абдел Фатах ал Бурхан, кој е претседател на Суверениот совет. Според предложената транзиција кон цивилна влада, РСФ ќе биде интегрирана во суданската армија. РСФ бараше транзицијата да биде одложена за 10 години, но според армијата повторното воведување на цивилна власт треба да се случи за две години.