Српската Влада ги усвои мерките договорени од Вучиќ и Србите од Косово

Седница на Владата на Србија, 15 април, 2023

Српската Влада на седницата на 15 април го усвои пакетот мерки што беа договорени на средбата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и дел од политичките претставници на Србите од Косово во Рашка на 13 април.

На Владата на Србија и е важно овие мерки да бидат усвоени што поскоро, се наведува во владиното соопштение.

Се бара итна реакција на меѓународната заедница за Приштина „да стави крај на кршењето на договорот“ за регистарските таблички и да овозможи слобода на движење на Србите „чии возила користат легални и легитимни регистарски таблички на Република Србија“.

Втората мерка се однесува на „безусловно и итно формирање“ на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, што е „апсолутен предуслов за сите понатамошни чекори во дијалогот“.

Владата во Белград бара од меѓународните мисии „во согласност со обврските пропишани со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, итно да преземат мерки за заштита на животите и правата на Србите и да обезбедат повлекување на албанските полициски сили“ во Приштина.

Кога станува збор за вонредните локални избори на Косово во четири општини со српско мнозинство на 23 април, Владата на Србија ги осудува, смета дека „немаат значење“ и ја поддржува одлуката на претставниците на Србите на Косово да не „учествувајте во тој недемократски и нелегитимен процес“.

Во последниот, петти пакет мерки, се наведува дека Србија ќе преземе сè за да обезбеди „заштита на животот и основните човекови и политички права на Србите и на другото неалбанско население на Косово“.

Видете и ова: Косовската полиција негира вмешаност во ранувањето на српски државјанин на северот


„За таа цел, Владата на Република Србија преку посебна инвестициска програма ќе го забрза инфраструктурниот развој на тие области и ќе ги зголеми мерките за финансиска поддршка за стопанството, земјоделците, младите и социјално ранливите категории“, се нагласува во соопштението на Владата на Србија.

Во него се наведува дека одредбите од овој пакет мерки се обврзувачки за сите органи на државната управа, организации, владини служби, функционери, како и преговарачите од српска страна во дијалогот меѓу Белград и Приштина.