Во главниот град на Судан, Картум, од изутрината непрекинато одекнуваат експлозии и се слушаат истрели, по неколкудневната напнатост меѓу војската и паравоените сили во земјата.
До судирите доаѓа откако ескалираа тензиите меѓу војската и Силите за брза поддршка (РСФ), што доведе до одлагање на потпишувањето на договорот за повторно покренување на демократизацијата на Судан.
Договорот требаше повторно да ја покрене демократската транзиција и да го врати Судан на статус квото од пред пучот во октомври 2021 година, односно власта да премине во цивилни раце.
РСФ утринава соопшти дека војската на Судан ги нападнала нивните сили во една воена база во јужен Картум, објави Асошиејтед прес.
Војската, пак, соопшти дека борците на РСФ се обидуваат да го заземат воениот штаб.
„Борците на Силите за брза поддршка нападнаа неколку воени кампови во Картум и на други места ширум Судан“, изјавил бригадниот генерал Набил Абдалах за агенцијата Франс прес.
Генералите управуваат со земјата преку тело што се вика Суверен совет, по државниот удар од октомври 2021 година.
РСФ се под команда на потпретседателот на Советот, генералот Мохамед Хамдан Дагалo. Војската, пак, е под команда на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, кој е на чело на Суверениот совет.
Видете и ова: Стотици демонстранти бараат прекин на воената власт во СуданСе чини дека најпроблематично прашање е како во владините сили да се интегрираат Силите за брза поддршка, кои главно се составени од поранешни полицајци.
РСФ сакаше да ја одложи интеграцијата за 10 години, но војската рече дека тоа треба да се случи за две години.
Судирот меѓу овие две страни може да доведе до долготрајни судири во оваа година земја, која веќе се соочува со економски крах и распламтување на племенските насилства.
Во заднина е борбата за власт меѓу двајцата генерали – Бурхан и Мохамед Хамдан Дагалo, познат како Хемети.
ReplyForward |