Јапонскиот премиер неповреден по експлозија на димна бомба

Полицијата го совлада мажот осомничен дека фрлил предмет налик на димна бомба во близина на јапонскиот премиер

Јапонскиот премиер Фумио Кишида беше однесен на сигурно и не е повреден откако утринава едно лице фрлило предмет налик на димна бомба за време на неговиот говор во западна Јапонија, објавија тамошните медиуми.

Се слушна гласна експлозија, но премиерот се тргна и не е повреден, а полицијата го совлада осомничениот маж на лице место, објавија јапонскиот јавен радиотелевизиски сервис НХК.

Инцидентот се случил во рибарското пристаниште Саиказаки во префектурата Вакајама, на околу 65 километри од Осака.

Видете и ова: Светските лидери изразуваат сочувство за смртта на поранешниот јапонски премиер Абе

Поранешниот премиер Шинзо Абе, челник на современа Јапонија со најдолг стаж, беше убиен со домашно изработен пиштол во јули минатата година, за време на кампањата за парламентарните избори, што ја шокираше земјата и доведе до ревизија на безбедносните мерки за политичари, кои редовно се меѓу граѓаните.

Кашида само што почнал со говорот по разгледувањето на пристаништето кога се случил инцидентот, објави НХК.

Говорот бил закажан за 11:40 часот по локално време, соопшти Либерално демократската партија на Кишида, која е на власт во Јапонија.

Партијата на Твитер објави дека премиерот ќе продолжи со закажаните активности.

Снимките кои ги објави НХК покажуваат луѓе како бегаат додека неколку полицајци соборуваат еден маж, а потоа го спроведуваат од местото на инцидентот.

Медиумите пишуваат дека мажот изгледа како да е во своите 20-ти или 30-ти години.

Полицијата засега не го соопшти идентитетот на уапсениот.

Очевидка за НХК рекла дека видела предмет како лета над главите на луѓето.

„Тоа ми предизвика лошо чувство па избегавме неверојатно брзо. Потоа слушнавме многу силен звук. Тоа ја расплака ќерка ми“, рече таа.

Кишида наредниот месец ќе биде домаќин на самитот на земјите членки на Г7. Министрите за надворешни работи од Г7 наредната недела ќе се сретнат во летувалиштето Каруизави.