Приведен анестезиологот кој објавувал пациенти на „TикTок”,

Приведен анестезиологот кој снимал и објавувал пациенти на „TикTок”, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Анестезиологот, кој има 43 години, бил приведен на 14 април, во тетовското село Одри.

Пријава против него поднел директорот на Клиничката болница Тетово. Тој пријавил дека анестезиологот, кој бил вработен во болницата, снимал и објавувал преку мрежата „TикTок" лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош.

Видете и ова: Лажни реклами за медицински препарати го преплавија Интернетот

За случајот е известен јавен обвинител и по негово документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.

Лекарската комора најостро го осудува инцидентот со анестезиологот кој објавувал видео снимка од пациенти на социјалните медиуми.

„Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки“, стои во соопштението на Лекарска комора.

Оттаму наведуваат дека лекарите се обврзани професијата да ја вршат совесно и одговорно, да ги почитуваат човековото достоинство и правата на болните и да ја чуваат нивната доверба.