Францускиот претседател Емануел Макрон рано утринава го потпишал законот за многу непопуларната пензиска реформа, со која старосната граница за пензионирање се зголемува од 62 на 64 години, објави Би би си.
Тој го потпишал законот неколку часа откако Уставниот совет вчера ја одобри реформата. Членовите на Уставниот совет цензурираа одреден дел помалку битни аспекти на реформата, но не ја отфрлија главната мерка за зголемување на старосната граница за одење во пензија, пренесе новинската агенција Франс прес.
Синдикатите и опозицијата се противат на пензиската реформа, а со месеци има големи протести.
По одлуката на Уставниот совет, доцна синоќа во Франција избија нови протести на кои имаше и насилство.
Синдикатите ветија дека ќе се спротивстават на контроверзните реформи. Тие повикаа на нови масовни протести на 1 мај, Денот на трудот.
Велосипеди, електронски скутери и ѓубре беа запалени во главниот град, бидејќи полицијата ги спречи демонстрантите да напредуваат понатаму, јавија дописниците на АФП.
Протести избија и во други градови, вклучувајќи ги Марсеј и Тулуз, а во Лион, полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
Во западниот град Рен, демонстрантите го запалија влезот на полициската станица и конференцискиот центар.
Париската полиција соопшти дека 112 лица биле уапсени до 22:30 часот на 14 април.
Канцелариите на Уставниот совет, во близина на музејот Лувр, се заштитени со бариери, а полицијата чува стража.
Одлуката на Уставниот совет претставува победа за Макрон, но аналитичарите велат дека тоа скапо ќе го чини.
Рејтингот на претседателот е блиску до најниското ниво и многу гласачи се огорчени од неговата одлука да го протурка законот за пензиите низ парламентот без гласање.