Специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој беше во посета на Тирана, во интервју за Топ чанел, како историски го оцени постигнатиот договор во Охрид, меѓу Белград и Приштина.
Тој вели дека договорот, што го овозможи Европската унија, со поддршка на САД, „речиси во секој аспект е поддржан од земјите од регионот“ и оти без поддршка на Северна Македонија тој не би се постигнал.
„Преговорите се водеа во Македонија и без нивна поддршка тоа немаше да биде возможно. Но, поддржано беше и од владите на Албанија и Хрватска, како и други земји во регионот. Ние ја гледаме многу важната улога на Албанија во регионалната стабилност. Тоа сега и се потврди“, изјави Ескобар.
За време на посетата на Тирана од 11 до 13 месецов Ескобар се сретна со претседателот Бајрам Бегај, со премиерот Еди Рама и со претставници на политички партии, Демократската Енкелед Алибеај и на Партијата на слободата Илир Мета.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти на 27 февруари во Брисел го договорија текстот на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија. На средбата одржана на 18 март во Охрид се договорија и за анекс за имплементација на сите членови од договорот. Лидерите не го потпишаа договорот, а меѓународните актери тврдат дека двете страни се обврзани да ги спроведат сите членови од договорот.