Косово и Црна Гора на 14 април потпишаа договор за воздушен транспорт, кој ќе овозможи пократко време на патување и пониски цени на билетите за патниците.
Договорот беше потпишан за време на посетата на премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ на Косово.
По средбата со косовскиот премиер Албин Курти, Абазовиќ на прес-конференцијата рече дека Договорот е дел од неколку проекти на двете влади кои имаат за цел да ја подобрат регионалната соработка.
„Идејата беше да им се овозможи на граѓаните полесен пристап. Доколку има мобилност и полесен пристап, размената на стоки ќе биде поинтензивна, што ќе создаде многу подобра регионална атмосфера“, рече Абазовиќ.
Курти рече дека Договорот за воздушниот сообраќај е неопходен чекор за регулирање на воздушниот простор меѓу Косово и Црна Гора.
„Договорот нуди нови можности за развој на цивилната авијација, овозможува скратување на воздушните линии и времето на летот за 15 минути. Авиокомпанија која лета четири пати на ден може да додаде уште еден лет со овој договор“, рече Курти.
Како што рече, со Договорот се овозможува постоечките воздушни коридори меѓу Косово и Црна Гора, кои досега се користеа за воени летови на НАТО, да се користат и за цивилна авијација.
Видете и ова: Вучиќ – Не е точно дека сме центар за руски дезинформацииУправата за цивилно воздухопловство на Косово управува со нискиот воздушен простор на земјата, додека високиот воздушен простор, над 6.200 метри, е под контрола на Унгарија, односно ХунгароКонтрол.
Косово сè уште нема соодветни капацитети за управување со високиот воздушен простор.
Абазовиќ, исто така, на заедничката прес-конференција рече дека Црна Гора ќе го поддржи Косово во неговите барања за членство во меѓународните организации.
Црна Гора ја призна независноста на Косово неколку месеци по нејзиното објавување од властите во Приштина во 2008 година.