Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека не е точно дека Србија е центар за руски дезинформации на Балканот, како што пред неколку дена изјави американскиот дипломат Џејмс Рубин.
Вучиќ рече дека сакал да премолчи и да не одговара на изјавите на специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобално ангажирање во американскиот Стејт департмент Џејмс Рубин, за да не става дополнителен товар на грбот на Србија.
„Рубин за време на посетата на Подгорица рече дека очекува Црна Гора да не се потпира на Белград и на Москва и во повеќе наврати зборуваше за Белград како центар за руски дезинформации. Тоа не е ни блиску до вистината, но зборува дека некои луѓе во американската администрација се потпрени на времето од 90-тите години кога ведреа и облачеа и имаат ист анимозитет кон Србија и кон нашиот народ“, рече Вучиќ во заедничкото обраќање со претседателот на Република Српска Милорад Додик.
Според него, Србија ќе се труди да води политика на пријателство кон Соединетите Американски Држави и кон сите други.
„Но не сакаме, како што некои трескавично се залетуваат, во судир со Кинезите, Русите и другите, не сакаме да учествуваме во таа нивна трка, не ни паѓа на памет“, рече Вучиќ.
Рубин пред неколку дена ги посети Црна Гора, Косово и Македонија.
За време на посетата на Скопје, тој рече дека регионот на Западен Балкан е сериозно затруен со руски дезинформации, кои најчесто се шират преку Србија.
„Главен извор на закани во овој дел на светот се руските дезинформации, често повторувани преку српските медиумски платформи, кои служат како центар кој ги повторува и објавува овде во Северна Македонија, во Црна Гора и низ Западниот Балкан“, рече Рубин.
Тој рече дека САД ќе им помагаат на институциите во Македонија со аналитички способности и со техничка поддршка, експертиза и искуство да се борат со дезинформации, со прашања поврзани со регулација на социјални медиуми, што е многу комплицирано, вели Рубин, но и за начинот на комуникација со социјалните медиуми кои се во сопственост на американски компании.