Германија ја затвора последната нуклеарка

Нуклеарната централа во Гунремминген, Германија, чија последна единица беше затворена на крајот на 2021.

Германија утре ќе ги исклучи последните три активни нуклеарни реактори, пишува Дојче веле.

Германската министерка за животна средина Штефи Лемке кон крајот на март во Берлин ја оконча расправата која долго време се водеше во земјата, и истакна дека кога сè ќе се земе предвид, ризиците од нуклеарната енергија не може да се контролираат.

„Затоа, окончувањето на користењето на нуклеарната енергија ја прави нашата земја посигурна, а со тоа се избегнува и понатамошното создавање нуклеарен отпад“, рече таа.

Пред тоа, во Германија имаше бурна расправа за нуклеарната енергија.

Владејачката коалиција на социјалистите (СПД), зелените и либералите (ФДП) во коалицискиот договор се согласи за постепено укинување на нуклеарната енергија, за што веќе беше одлучено во 2011 година.

Видете и ова: Како може Европа да ги ограничи цените на енергенсите?


Последните нуклеарни реактори требаше да бидат затворени до крајот на 2022 година, но војната во Украина го смени тоа и рокот беше продолжен зашто, поради прекинот на испорака на руски гас за Германија, се стравуваше од енергетска криза.

Сојузниот канцелар Олаф Шолц на крај одлучи да го продолжи рокот на останатите реактори до средината на април 2023 година.