Европската унија на 13 април објави дека ја санкционира руската платеничка група Вагнер поради „активно учество во руската агресија против Украина“.
Групата Вагнер, која ги предводеше руските напади врз украинските градови Бахмут и Соледар, претходно во февруари беше ставена на друга листа на санкции поради кршење на човековите права и „дестабилизација“ на земјите во Африка.
Европскиот совет, кој претставува 27 земји-членки на ЕУ, објави дека листата на нови санкции ја „дополнува“ претходната.
ЕУ додаде дека Вагнер уште еднаш е додаден на списокот „поради дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“.
Фактот дека Вагнер е двапати наведен на листата „ја нагласува меѓународната димензија и тежината на активностите на оваа група, како и нејзиното дестабилизирачко влијание во земјите каде што е активна“, се вели во соопштението на Советот.
На листата на европски санкции е додаден и РИА ФАН, руски медиум кој е дел од Патриот Медиа Груп, чиј управен одбор е предводен од Евгениј Пригожин, шефот на Вагнер.
ЕУ усвои десет последователни пакети санкции против Русија во изминатата година по нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.