Арачиново не наплаќа даноци ниту комунални такси

Илустрација, градежни работи во Арачиново

Општина Арачиново не наплаќа данок на имот, не наплаќа комунална такса на фирма, не наплаќа комунална такса за користење на музика во јавни локали, ниту пак наплаќа комунална такса за истакнување на реклами и огласи на јавни места и не наплаќа надоместок за уредување на градежно земјиште утврдил државниот ревизор.

Во извештајот за 2021 година ревизорите изразиле негативно мислење на реалноста и објективноста на финансиските извештаи. Во него се посочува дека Општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за даноците за имот, за промет од недвижности и наследство.

Дополнително е утврдено дека во Општината не е воспоставена ни евиденција на побарувања за физички и правни лица.

„Извршените градежни работи како изградба и реконструкција на улици и патишта се без одобрение за градба и основен проект, а ставањето во употреба на градбите е без извршен записник за примопредавање, не е евидентиран недвижниот имот кој е во сопственост на општината, не е обезбедена соодветна поткрепувачка документација за дел од евидентираните расходи“ се вели во соопштението на државниот завод за ревизија.

Видете и ова: Државата не се грижи домаќински за својот имот

Ревизорот му препорачува на градоначалникот да преземе мерки за обезбедување на одобрение за градба пред отпочнување на активностите за изградба на објекти во кои инвеститор е општината и планирањето на градбите да се врши според законот за градење.