Северна Кореја истрела проектил кој можеби е нов тип на оружје

Северна Кореја во четвртокот го изврши своето прво лансирање на интерконтинентална балистичка ракета за еден месец, веројатно тестирајќи нова помобилна, потешка за откривање ракета за прв пат, рекоа нејзините соседи.

Јапонија ги повика жителите на најсеверниот остров Хокаидо превентивно да се засолнат поради ракетните закани кои доаѓаат од Северна Кореја.

Ракетата била лансирана под висок агол од близина на севернокорејската престолнина Пјонгјанг и паднала во водите меѓу Корејскиот Полуостров и Јапонија по лет од илјада километри, се вели во соопштението на генералштаб на Јужна Кореја.

Американскиот Советот за национална безбедност ја нарече ракета со долг дострел, додека јапонската влада рече дека најверојатно има интерконтинентален дострел.

Војската на Јужна Кореја верува дека Северна Кореја лансирала нов тип на балистичка ракета, најверојатно со користење на цврсто гориво, изјави претставник на одбраната под услов да остане анонимен.

Доколку лансирањето вклучува ракета од типот ICBM со цврсто гориво, тоа би било првиот тест на Северот на такво оружје. Познатите севернокорејски ракети од типот ICBM користат течни погони кои мора да се напојуваат пред лансирањето. Но, оружјето со цврсто гориво е веќе наполнето, што овозможува полесно да се преместува и побрзо да пука.

Видете и ова: Северна Кореја лансираше балистичка ракета, САД и Јужна Кореја одговорија со воени вежби


ICBM со цврсто гориво е едно од клучните високо-технолошки оружја што севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети дека ќе го изгради за подобро да се справи со она што тој го нарекува американски воени закани. Тој сака и ракета со повеќе боеви глави, подморница на нуклеарен погон, хиперсонична ракета и шпионски сателит.

Американскиот портпарол на Советот за национална безбедност Адриен Вотсон рече дека последното лансирање „непотребно ги зголемува тензиите и ризикува да ја дестабилизира безбедносната ситуација во регионот“.

Вотсон посочи дека Соединетите Држави ќе ги преземат сите неопходни мерки за да ја осигураат својата безбедноста како и на јужнокорејските и јапонските сојузници.

Нуклеарните претставници на Сеул, Вашингтон и Токио одржаа телефонски разговор каде повикаа на „решителен и обединет меѓународен одговор“ на севернокорејските провокации и посилни напори за запирање на незаконското финансирање на Северна Кореја на нејзината програма за оружје.

Северна Кореја вообичаено тестира ракети кон меѓународните води меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија, користејќи повисоки траектории за да ги избегне соседните земји. Јужна Кореја и Јапонија обично не издаваат наредби за евакуација освен ако не утврдат дека севернокорејското оружје лета во нивна насока.

Јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада изјави дека севернокорејската ракета лансирана во четвртокот не стигнала до Јапонија. Но, јапонските власти ги повикаа луѓето на најсеверниот остров Хокаидо да бараат засолниште и привремено ги прекинаа услугите на воз, автобус и метро таму. Локалните заедници, исто така, активираа сирени за предупредување повикувајќи ги луѓето да се евакуираат.

Јапонската влада потоа го повлече предупредувањето за проектили, велејќи дека нема можност ракетата да слета во близина на Хокаидо.