Покани и закани

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија објави дека воведува санкции против луѓе блиски до руските олигарси, вклучувајќи ги и членовите на придружбата на Роман Абрамович и Алишер Усманов, кои ги обвинува дека им помагале да го сокријат својот имот. Меѓу засегнатите од новите британски санкции се Деметрис Јоанидес и Христодулос Василијадес, двајца кипарски државјани, јавува агенцијата Франс прес.

КОСОВО - Мисијата на КФОР го осуди инцидентот на мостот Бистрица во општина Звечан, кога од огнено оружје беше рането лице од српска националност, Србин, и побара од институциите на Косово целосна истрага за инцидентот.

САД - Не можеме да коментираме за наводни доверливи информации, но според нашите сознанија Србија не и продава оружје на Украина, велат за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Амбасадата на САД во Белград.

СИРИЈА - Сирија повторно ќе ја отвори својата амбасада во Тунис откако северноафриканската земја објави дека именува нов амбасадор во Дамаск, објавија сириските државни медиуми во средата, 12 април.

БУГАРИЈА - Во последните години најмалку десет пати го поканував претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски да ја посети Бугарија, рече денеска бугарскиот претседател Румен Радев на маргините од конститутивната седница на новоизбраниот состав на Народното собрание, коментирајќи ја синоќешната изјава на шефот на македонската држава дека во последните две години немал ниту еден конструктивен разговор со претседателот на Бугарија.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја осуди Русија по објавувањето на видео на социјалните мрежи на кое наводно се гледа обезглавувањето на украински воен заробеник. Кремљ побара верификација на снимката.

МАКЕДОНИЈА - Северна Македонија активно работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент Џејмс Рубин.

СРБИЈА - Србија, една од ретките земји во Европа која одби да ја санкционира Русија поради нејзината инвазија врз Украина, се согласила да испорача оружје на Киев или веќе го испратила, стои во еден од доверливите документи на Пентагон, објави агенцијата Ројтерс на 12 април.

РУСИЈА - Русија изврши тестирање на „напредни“ интерконтинентални балистички ракети, само неколку недели по суспензијата на учеството во договорот за нуклеарно разоружување со Соединетите држави, пренесува агенцијата Франс прес.

МАКЕДОНИЈА - Осумгодишно дете од Скопје синоќа починало откако било нападнато од кучињата на својот сосед, потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР). По нападот, детето било префрлено во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје каде што им подлегнало на повредите. Ветеринар и полицијата го испитуваат случајот.