Повеќе од 400 мигранти од јануари до март годинава загинале обидувајќи се да го преминат Медитеранот, соопшти Меѓународната организација за миграција.
Одложувањата во операциите за пребарување и спасување предводени од државите беа фактор за неколку фатални инциденти на опасниот премин од Северна Африка, се вели во соопштението. Се нагласува дека иако официјално се регистрирани вкупно 441 смртен случај, реалните бројки се многу повисоки.
„Постојаната хуманитарна криза во централниот Медитеран е алармантна“, рече шефот на Меѓународната организација за миграција, Антонио Виторино.
„Со повеќе од 20.000 смртни случаи регистрирани на оваа рута од 2014 година, се плашам дека овие смртни случаи веќе станаа нормални“, предупреди тој.
„Државите мора да реагираат. Одложувањата и дупките во во операциите за пребарување и спасување предводени од поединечни држави чинат човечки животи“, додаде тој.
ИОМ рече дека доцнењето во таквите спасувања е фактор за најмалку шест инциденти досега оваа година, кои резултираа со смрт на најмалку 127 луѓе.
Целосниот недостаток на одговор на седмиот случај ги однесе животите на најмалку 73 мигранти“, се вели во соопштението, во кое се додава дека напорите за пребарување и спасување на невладините организации се значително намалени во последните месеци.