Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја осуди Русија по објавувањето на видео на социјалните мрежи на кое наводно се гледа обезглавувањето на украински воен заробеник. Кремљ побара верификација на снимката.
„Колку лесно убиваат тие чудовишта. Светот треба да го види видеото за егзекуцијата на украинскиот воен заробеник. Тоа е видео што ја прикажува Русија каква што е“, напиша Зеленски на Инстаграм.
Тој нагласи дека тоа не е случајно и потсети дека слични работи се случувале и претходно, како што е Буча, предградие на Киев, кое стана симбол на злосторствата што и се припишуваат на руската армија.
„Затворски казни за убијците, суд за злата држава“, рече Зеленски.
Кремљ во средата соопшти дека мора да се потврди автентичноста на „ужасните“ слики кои покажуваат наводно обезглавување на украински воен заробеник.
„Пред сè, неопходно е да се потврди автентичноста на ова страшно видео“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите, додавајќи дека „живееме во свет на фалсификати“.
Во средата, Европската унија вети дека ќе ги повика на одговорност воените злосторници по видеото.
„Немаме повеќе информации за автентичноста на видеото. Доколку се потврди автентичноста на видеото, ова ќе биде уште еден брутален потсетник за нехуманата природа на руската агресија“, изјави портпаролката на ЕУ, Набила Масрали.
Мисијата на Обединетите нации (ОН) во Украина во средата соопшти дека е „згрозена“ од „грозоморните“ видеа, вклучително и снимката од наводното обезглавување на украинскиот воен заробеник.
„Мисијата на ОН за следење на човековите права во Украина е згрозена од особено грозоморните видеа објавени на социјалните мрежи“, се вели во соопштението.
Видеото од минута и четириесет секунди кружи од вторникот. На него се гледа како маж во маскирна униформа со маскирано лице го сече грлото на друг маж во униформа. По неколку секунди, извиците стивнуваат и се слуша мажот зад камерата како на руски му вели на насилникот да и ја „отсече главата“ на жртвата, што тој го прави со нож и ја покажува отсечената глава на камерата.