Северна Македонија активно работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент Џејмс Рубин.
На средбата двајцата соговорници разговараа за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво, информираат од Кабинетот на Претседателот.
Рубин пред посетата на Скопје, ја посети Црна Гора, а на пат кон Македонија кусо беше и во Косово. Подоцна неделава ќе ја посети и Албанија каде ќе учествува на конференцијата на американските амбасадори во земјите од Западен Балкан.
Џејмс Рубин беше назначен на должноста специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, од државниот секретар Ентони Блинкен во декември 2022 година.
Има 35-годишна кариера во надворешната политика. Работел како дипломат, политички советник, коментатор, професор и репортер. Тој беше портпарол на Стејт департментот за време на војната на Косово, а до 2022 година и помошник државен секретар, за време на мандатот на Медлин Олбрајт, во администрацијата на претседателот Бил Клинтон.