Од Илинденска до Сомалија

УКРАИНА - Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (ОХЦХР) денеска објави дека евидентирала 8 490 загинати и 14 244 повредени цивили од почетокот на инвазијата на 24 февруари 2022 година до 9 април 2023 година.

САД - Целиот регион на Западен Балкан е подложен на руски и кинески дезинформации, но „голем дел“ доаѓа од Србија и тоа е „голем проблем што треба да се реши“, вели Џејмс Рубин, шеф на Центарот за глобален ангажман во интервју за Радио Слободна Европа.

МАКЕДОНИЈА - Компанијата МЕПСО им простила 14 милиони евра на четири фирми – трговци со струја. Во извештајот на Државниот завод за ревизија се наведува дека долгот бил направен на почетокот на енергетската криза во 2021 година, кога МЕПСО влечела електрична енергија од европската мрежа.

ЈУЖНА КОРЕЈА - Јужна Кореја планира да го лансира својот прв комерцијален сателит на домашно произведена ракета следниот месец како дел од нејзината програма за развој на вселената, изјавија денеска официјални лица.

РУСИЈА - Долниот дом на рускиот Парламент едногласно ги изгласа измените на законот со цел да се олесни мобилизацијата и да се отежне избегнување на регрутирањето. Измените предвидуваат воведување електронски систем за воено регрутирање односно електронски повици преку интернет.

МЈАНМАР - Најмалку 53 лица беа убиени денеска во еден од најсмртоносните воздушни напади на војската на Мјанмар во тековната граѓанска војна. Се уште нема официјални извештаи за овој бомбашки напад, но очевидци велат дека меѓу загинатите има најмалку 15 жени и неколку деца, јавува Би-Би-Си, наведувајќи дека не може да ги потврди овие бројки.

ЕУ - Официјални претставници на Европската унија (ЕУ) соопштија дека Србија и Косово се обврзани да ги спроведат сите членови од договорот постигнат од лидерите на двете земји. Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека евентуалното одбивање да се спроведе се што е договорено може да има негативни последици.

МАКЕДОНИЈА - Владата денеска донесе Одлука со која се корегираат дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот. Како што изјави министерот Крешник Бектеши, согласно Одлуката, килограм домати и краставици ќе чини максимум 95 денари, килограм пипер до 100 денари, килограм грав 95. Корекцијата следи оти увозниците пријавиле дека се зголемени цените за увоз на домати и краставици.

СОМАЛИЈА - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш денеска апелираше за „огромна меѓународна поддршка“ за Сомалија, која е погодена од исламистички бунт и невидена суша.

КОСОВО - Косовската полиција ги демантираше наводите на одредени српски медиуми дека на северот на Косово полицајци нападнале припадник на српската заедница со огнено оружје. Полицијата преку соопштение наведува дека случајот со повредата се истражува.