Компанијата МЕПСО им простила 14 милиони евра на четири фирми – трговци со струја. Во извештајот на Државниот завод за ревизија се наведува дека долгот бил направен на почетокот на енергетската криза во 2021 година, кога МЕПСО влечела електрична енергија од европската мрежа.
Износот, потоа МЕПСО го искнижил како расход на компанијата.
„Во услови кога се забележани тешкотии во наплатата на побарувањата, Секторот за финансиски работи доставил барање до УО на АД МЕПСО со предлог за нивна резервација. Со одлука на УО побарувањата биле резервирани, за што соодветно се евидентирани трошоците и извршен е отпис по пат на исправка на вредноста и истите се искажани како непризнаен расход во даночниот биланс“, пишува во извештајот на ДЗР, објавен денеска.
Ревизорите заклучуваат и дека исправката на вредноста е направена на долгови кои не биле постари од една година и дека нема релевантни докази за веројатноста на наплатливоста на побарувањата.
Покрај бришењето на долгот, во извешајот се нотира дека раководните лица на МЕПСО т.е директорите, членовите на Управниот и Надзорниот одбор, имаат склучено менаџерски договори со кои им следува „апанажа“ во износ од просечната плата на МЕПСО (просечната плата во МЕПСО според ревизорите изнесува 70 000 денари – месечно) во траење од 12 месеци по нивното заминување од функцијата, без разлика дали тие се вработени еден месец или повеќе години во Акционерското друштво.
Видете и ова: Увезовме струја за 40 милиони, ќе наплатиме штета од 200 илјади евраСо одлука која била донесена годинава делумно се смениле критериумите, па така за да добијат отпремнина, треба да бидат дел од раководството најмалку 6 месеци. Овие информации биле откриени од страна на ревизорите откако двајца поранешни функционери ја тужеле МЕПСО по овој основ и како отшета на суд добиле околу 37 000 евра.
Ревизорите сметаат дека е потребно да се преиспита потребата од предвидување на право на отпремнина во менаџерските договори имајќи во предвид дека истата согласно законската регулатива се исплаќа единствено кај надоместоците од работен однос при заминување во пензија.
Понатаму, ревизијата открива дека иако според Законот за јавни набавки, договорните органи кои вршат секторски дејности во текот на годината можат да вршат набавки на стоки, услуги и работи без спроведување на постапка, при што вкупната вредноста на овие набавки во тековната година не смее да надмине 24 000 евра во денарска противвредност, МЕПСО исплатиле 47 141 евра по овој основ, што претставува надминување на утврдениот праг за 23 141 евра.
Во извештајот за работењето на МЕПСО во 2021 г. ревизорите забележуваат и дека во екот на енергетската криза се нотирале недоследности и пропусти во работењето на државната компанија со што се направени милионски загуби во буџетот на Северна Македонија.