Целиот регион на Западен Балкан е подложен на руски и кинески дезинформации, но „голем дел“ доаѓа од Србија и тоа е „голем проблем што треба да се реши“, вели Џејмс Рубин, шеф на Центарот за глобален ангажман во интервју за Радио Слободна Европа.
Центарот е агенција на американскиот Стејт департмент, формирана со цел да се разоткрие и да се спротивстави на пропагандата и дезинформациите.
На прашањето како го коментира отворањето на Russia Today, меѓународна новинска организација контролирана од Русија, во Србија, Рубин вели:
„Не би сакале да ги видиме Russia Today или други руски медиуми насекаде во светот. Сакаме тие да се затворат“.
Во интервју за Радио Слободна Европа за време на краткиот престој во Приштина, Рубин зборуваше и за Ослободителната војска на Косово (ОВК), чии основачи во моментов се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото пред судот во Хаг.
Видете и ова: Гласни критики од Западот по најавата за руски државен медиум во СрбијаРубин вели дека позицијата на Соединетите Држави кон ОВК еволуирала со текот на годините.
Во првите денови, потсетува тој, САД ги осудуваа „терористичките активности на албанските групи“, но како што еволуираше мировниот процес, тој вели дека ОВК станала центар на тој процес.
„ОВК одигра одлучувачка улога во договорите потпишани од нејзините водачи и во спроведувањето на ветената демилитаризација. Имам убави спомени од работата со нивните водачи. Тоа не значи дека сè што се случи за време на војната е нешто што јас би го поддржал“, додава тој.
За време на војната во Косово во доцните 1990-ти, Рубин беше помошник државен секретар на САД. Во 2013 година, Косово му го додели Претседателскиот медал за неговата посветеност во ослободувањето на Косово.