Официјални претставници на Европската унија (ЕУ) соопштија дека Србија и Косово се обврзани да ги спроведат сите членови од договорот постигнат од лидерите на двете земји.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека евентуалното одбивање да се спроведе се што е договорено може да има негативни последици.
„Секако дека ќе има последици. Ќе има политички последици, последици за угледот, но и финансиски последици. И тоа стои во договорот за кој се согласија двете страни“, рече Стано.
Неговите коментари доаѓаат откако српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за јавниот сервис РTС изјави дека Србија ќе спроведе некои делови од европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а не други. Вучиќ потврди дека овие ставови им ги пренел на европските лидери.
Видете и ова: Ескобар:Косово и Србија да го следат примерот на Северна Македонија и ГрцијаПретседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти на 27 февруари во Брисел го договорија текстот на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија. На средбата одржана на 18 март во Охрид се договорија и за анекс за имплементација на сите членови од договорот. Лидерите не го потпишаа договорот, а меѓународните актери тврдат дека двете страни се обврзани да ги спроведат сите членови од договорот.
Српските власти, сепак, редовно велат дека нема да ги спроведат сите членови од договорот, особено оние поврзани со членството на Косово во меѓународните организации.