Покачени дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот

илустрација

Владата денеска донесе Одлука со која се корегираат дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот. Како што изјави министерот Крешник Бектеши, согласно Одлуката, килограм домати и краставици ќе чини максимум 95 денари, килограм пипер до 100 денари, килограм грав 95. Корекцијата следи оти увозниците пријавиле дека се зголемени цените за увоз на домати и краставици.

Кромидот поскапува за десет денари и ќе биде 70 денари, а само леќата, истакна Бектеши, ќе биде над 100, односно ќе се продава по 110 денари за килограм.


Според владината Одлука, килограм банани ќе чини до 75 денари, килограм портокали до 60, килограм мандарини до 65 и килограм лимони до 60 денари.

„Контролите ќе продолжат, ситуацијата секојдневно ќе се следи и ако е потребно, повторно ќе се интервенира доколку забележиме намалени увозни цени. Граѓаните да бидат спокојни,“ истакна министерот.

Бектеши очекува дека ќе се почитува Одлуката која е донесена зашто, како што напомена, последната недела се забележани зголемени увозни цени за над 30 отсто на одредени производи - домати, краставици, кромид и грав.

Видете и ова: Владата со корекции на замрзнатие цени -Доматите и краставицити ќе поскапат

„Овие фактури што веќе се доставуваат во Царинската управа, се пологични од претходните, но ова не значи дека тука завршуваат контролите и инспекциите“, подвлече Бектеши.

Од 5 април па до крајот на месецот замрзнати се цените на 11 овошки и зеленчуци (домати, краставици, пиперки, кромид, карфиол, грав, леќа, банани, портокали, мандарини, лимони).

Владата претходно донесе одлука за замрзнување на цените на основните производи и цените на јајцата и оризот. Претходно замрзнати беа цените на тестенините и млечните производи, а замрзна и цената на белиот леб и полубелиот леб до 33 денари. Одлуката за замрзнати цени ќе важи до 31 мај.