Косовската полиција ги демантираше наводите на одредени српски медиуми дека на северот на Косово полицајци нападнале припадник на српската заедница со огнено оружје. Полицијата преку соопштение наведува дека случајот со повредата се истражува.
„Косовската полиција не е инволвирана во ниту еден случај на пукање и останува посветена на брза истрага и расветлување на случајот со ранувањето на едно лице, кое е на лекување во болничкиот центар во Северна Митровица, а кое, според лекарите, е надвор од животна опасност“, се вели во соопштението од полицијата.
Некои медиуми јавија дека едно лице е рането во Звечан, на местото каде што се наоѓаат припадниците на косовската специјална единица.
Слично нешто најави и Српска листа, водечката партија на косовските Срби, со оценка дека специјалните единици на северот на Косово дејствуваат „незаконски“.
„Ги повикуваме меѓународните претставници најитно да го осудат дивеењето на овие параполициски единици кои вршат репресија врз обичните граѓани и бараат нивно повлекување од северот на Косово“, наведува Српската листа.
Видете и ова: САД и ЕУ загрижени поради тензиите на северот на КосовоИнцидентот на север го осуди и Канцеларијата за Косово во Владата на Србија.
Инаку, Српската листа, која функционира со поддршка на Белград, во ноември минатата година ги напушти косовските институции во општините на север, каде живее мнозинско српско население.
Тогаш позициите ги напуштија и вработените во судството и полицијата, кои за да се вратат бараат формирање на Заедница на општини со српско мнозинство и повлекување на специјалните единици од северот.
Косово распореди дополнителни сили на север откако Србите ги напуштија косовските институции. Станува збор главно за полицајци од албанската заедница, кои не се прифатени од локалното население.