„Огнените“ од ДУИ бараат учество во работната група за уставните измени

Изет Меџити од таканаречената „Огнена група“ од ДУИ, која неодамна најави дека ќе делува како фракција во партијата.

Tаканаречената „Огнена група“ денеска побара како фракција во рамките на ДУИ да учествува во работната група за уставните измени, за која утре истекува рокот политичките партии да номинираат свои претставници.

„Сакајќи во овој процес да имаме активна, а не само набљудувачка улога, иако официјално не смe поканети, ја изразуваме нашата целосна подготвеност како фракција во рамките на Демократската унија за интеграција (ДУИ) да учествуваме во работната група за уставни измени и да ги ставиме на располагање на државата сите наши професионални капацитети“, се вели во соопштението.

Членовите на „Огнената група“ од ДУИ пред десетина дена најавија дека ќе делуваат како фракција, откако го напуштија состанокот на Централното претседателство кој се одржа во седиштето на партијата во Мала Речица. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, пак, по средбата рече дека фракции врз основа на статутот на ДУИ и одлуките на Конгресот, не се дозволени.

Видете и ова: Ахмети - фракции во ДУИ не се дозволени

„Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие се незадоволни од актуелните министри во Владата од ДУИ и сметаат дека ја узурпирале партијата со своите одлуки. Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.

Во денешното соопштение, кое е потпишано од „фракција на ДУИ“, се вели дека евро-атлантските интеграции претставуваат приоритет над приоритетите и дека сакаат да истакат оти цврсто ги подржуваат уставните измени.

„Непоколебливо ја подржуваме иницијативата за уставни измени, процес кој би отворил нова перспектива за земјата на патот кон интеграцијата во ЕУ, почитувајќи ја апсолутната волја на албанскиот народ за отстранување на формулацијата „20 проценти“ од Уставот во однос на албанскиот јазик. Го покануваме целиот албански политички фактор да се произнесат за оваа битна тема, да ја поддржат оваа иницијатива и да бидеме обединети во овој став, бидејќи со ова се отвора ново поглавје во нашиот пат кон ЕУ, но исто така се поправа и една дво-децениска неправда кон албанскиот народ во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Министерство за правда - утре ќе се знае составот на работната група за уставните измени

Според досегашните најави на Министерството за правда, работната група за уставните измени треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија. Политички партии и одредени институции во јавноста веќе ги соопштија имињата на лицата што ќе ги претставуваат.

Откако ќе бидат подготвени уставните амандмани во работната група, ќе бидат испратени во Собранието, каде за промената на Уставот е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници.