Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска изјави дека смета оти нема конфликт на интереси со владината одлука компанијата, каде што има удел неговата сопруга, да дооформи градежна парцела во Радовиш на државно земјиште по цена од 70 денари за метар квадратен.
Коментарите на премиерот доаѓаат по сторијата која минатата недела ја објави РСЕ, дека Владата ја задолжила општината Радовиш да ѝ продаде на фирмата во која една од сопственичките е сопругата на премиерот, државна парцела за изградба на фотоволтаична централа.
Ковачевски вели дека е изземен од одлучување и присуство на владина седница доколку на неа се дискутира за правни субјекти наведени во неговиот анкетен лист, но и дека она што го поседува тој и членовите на неговото семејство е „транспарентно наведено“ во неговиот анкетен лист кој го поднел во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Според премиерот, таму може да се види каде тој има удел, а каде има удел член на неговото семејство пред да стапи на функција.
„Со тој анкетен лист од моја страна поднесен до ДКСК, јас имам испратено и известување до вицепремиерот за добро владеење и до генералниот секретар на Владата во којшто нотирам и информирам дека доколку на седница на Влада се дискутира или се одлучува за точки поврзани со правните субјекти наведени во мојот ажуриран анкетен лист, објавен на ДКСК на нивниот веб сајт, моето учество треба да се изземе од одлучување и присуство на Владата, за што треба генералниот секретар да ме информира, за што ме информирал, заради спречување на каков било конфликт на интереси“, вели Ковачевски.
Видете и ова: Фирмата на сопругата на премиерот на чекор до изградба на фотоволтаична централаФирмата во која сопственички удел има сопругата на премиерот Ковачевски, ќе добие државно земјиште по цена од 70 денари за метар квадратен за изградба на планирана фотоволтаична централа. Владата не кажа по која цена ја продала парцелата, но според тафирникот, цената е 70 денари за метар квадратен.
Владината одлука за продажба на 1.119 метри квадратни земјиште во радовишкото село Раклиш ја потпишал првиот вицепремиер Артан Груби на владината седница на 14 март годинава.
Според објавата во Службен весник, Владата донела одлука за продажба на државно земјиште на компанијата „Сол Груп 5“ по пат на непосредна спогодба за дооформување на градежна парцела за која фирмата веќе имала во сопственост 30 проценти.
Оваа одлука стапи на сила на 21 март и треба да ја спроведе општината Радовиш. Компанијата имала план да изгради фотоволтаичнa централа со енергетски капацитет од 1,8 мегавати.
Ковачевски вели и дека уредбата за определување на цените на земјиште е објавена на 17 октомври 2013 година и дека била донесена од страна на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.