На полноќ истекува рокот политичките партии да номинираат претставник во работната група за уставните измени, со што утре ќе знае во каков состав ќе работи ова тело, соопшти денеска Министерството за правда.
Работната група се очекува да има меѓу шест и осум експерти. Политички партии и одредени институции во јавноста веќе ги соопштија имињата на лицата што ќе ги претставуваат.
Ова тело треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија.
Откако ќе бидат подготвени уставните амандмани во работната група, ќе бидат испратени во Собранието, каде за промената на Уставот е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници.
СДСМ ќе ги претставува Цветанка Иванова - актуелна генерална секретарка на Собранието и поранешна пратеничка.
Алијанса за Албанците соопшти дека претставник на партијата во работната група за уставните измени ќе биде пратеникот Ремзи Мехмеди.
Според информациите, свои претставници во групата номинирала и Беса, а се очекува денеска и ДУИ да соопшти кој ќе биде номиниран од кај нив.
Видете и ова: Работната група за уставните измени ќе работи и без ВМРО-ДПМНЕВМРО-ДПМНЕ, Алтенатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз викендов информираа дека нема да учествуваат во работната група.
Засега нема официјална информација кои експерти ќе бидат дел од оваа работна група.
Од Министерството за правда велат дека се додека не заврши рокот, верчерва на полноќ, нема да соопштуваат имиња.
Претседателот Стево Пендаровски потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени.
Во работната група свои експерти треба да номинираат и од Министерството за надворешни работи.