Протест на МАД и ИКОМОС против измени на Законот за заштита на културно наследство

Претставниците од Македонското археолошко друштво (МАД) и ИКОМОС Македонија одржаа протест пред Собранието.

Македонското археолошко друштво (МАД) и ИКОМОС Македонија денеска одржаа протест пред Собранието од каде упатија итен апел до пратениците да ги блокираат предложените измени на Законот за заштита на културното наследство.

Тие тврдат дека овие промени на законот непромислено и свесно ќе му наштетат на културното наследство со катастрофални последици, а дека сето тоа ќе биде во име на „поголем јавен интерес“ кој всушност крие „профитабилна зделка од огромни размери“.

„Со предложените измени и дополнувања на членот 65 од овој Закон, се предлага во членот 65 по ставот 2 да се додаде нов став 3, кој би овозможил, доколку за време на вршење на градежни работи за проекти од државно значење биде пронајдено арехолошко наоѓалиште, односно предмет од археолошко значење, изведувачот на работите за тоа случајно октритие да го извести надзорниот инженер, заобиколувајќи ја постојната законска одредба истото да биде пријавено непосредно до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи“, рекоа учесниците во протестот.

Видете и ова: Платформата против корупција бара повлекување на седницата за предлог-законите за коридорите 8 и 10-д

Ианку, измените на Законот за заштита на културното наследство е меѓу низата измени на закони за кои пратениците ќе расправаат на денешна седница во Собранието, со цел изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д.

Станува збор за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шумите, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д. Тие се предложени од пратеници од мнозинството.

Орданче Петров од Македонско археолошко друштво на денешниот собир пред Собранието изјави дека со предлогот за дополнување на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, по скратена постапка ќе се озакони неповратно уништување на културно наследство под закрила на државата.

Тој рече дека во регионот каде се предвидени инфраструктурните зафати за Коридорите 8 и 10д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети.

„Не смеете да дозволите надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство, и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културното наследство да решава што е културно наследство“, рече Петров.

Видете и ова: ССМ:Катастрофални законски измени за работничките права за проектот со „Бехтел и Енка“

Инаку, и Платформата на граѓански организации за борба против корупција вчера побара од Претседателот на Собранието да го повлече дневниот ред на седницата број 112 на Собранието, закажана за денеска, а на која треба да се најдат девет предлог закони по скратена постапка поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д.

Според платформата, носењето специјален закон, како што е Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 д, уште од самиот почеток вклучува ризици од корупција, бидејќи ги заобиколува општите закони.

Реагираше и Сојузот на синдикатите, од каде порачаа дека предлог-измените во законот за работни односи ќе бидат катастрофални за работничките права.

Инаку, автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали.