Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека промена на Устав во овој парламентарен состав нема да има. Тој повтори дека постојат притисоци, но, како што рече, на истите им се спротиставува со аргументи.
„Мојот пристап е да се спротиставам на тие притисоци со аргументи и така и ќе продолжам. До сега не сум слушнал аргумент кој ги победува аргументите кои што јас ги презентирам. Моите аргументи се елементарна логика, и тие се јавно познати. Но, ќе повторам, промена на Устав во овој Парламентарен состав нема да има“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Алтернатива нема да учествува во работната група за уставни измениОд владејачката СДСМ, пак одговорија дека опозицијата бега од дебата и го повикаа ВМРО-ДПМНЕ сите предлози да ги претстави на маса.
„ВМРО ДПМНЕ бега од дискусија. Како да разговараме за хрватски или каков било друг модел кога ќе бегаме од дискусија. Работната група ќе се формира во текот на оваа недла и таму ќе се формираат амандманите кои потоа ќе бидат доставени до Собранието. Во Собранието верувам дека тогаш нема да избегаат од дискусија и ќе ги продискутираме амандманите“, изјави Васко Кичевски од СДСМ.
Инаку, работната група треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија.
Три од владејачките партии, двајца експерти и еден претставник од Кабинетот на претседателот досега потврдија дека ќе учествуваат во работната група, додека ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз одбија да партиципираат.