Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара од Претседателот на Собранието да го повлече дневниот ред на седницата број 112 на Собранието, закажана за утре, а на која треба да се најдат девет предлог закони по скратена постапка поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д.
Според платформата, носењето специјален закон, како што е Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 д, уште од самиот почеток вклучува ризици од корупција, бидејќи ги заобиколува општите закони.
„Пратениците имаат обврска да овозможат должна дискусија, и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење на закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење на одлуки кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот“, се вели во реакцијата.
Од платформата дополнително нагласуваат дека ниту на пратениците, ниту на граѓаните ниту на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат.
Пратениците на седница в понеделник треба да расправаат за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шумите, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д. Тие се предложени од пратеници од мнозинството.
За предложените законски измени во Законот за заштита на културното наследство, вчера реагираа од Македонското археолошко друштво, од каде предупредија на уништување на културното наследство, а реагираше и Сојузот на синдикатите, од каде порачаа дека предлог-измените во законот за работни односи ќе бидат катастрофални за работничките права.
Инаку, автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали.