Израелски воени авиони и артилерија денеска погодија сириски воени цели како одговор на ракетите лансирани кон израелска контролирана територија во текот на ноќта.
Илјадници еврејски верници се собраа на Западниот ѕид на градот, најсветото место каде што Евреите можат да се молат, на молитва и богослужба по повод верскиот празник Пасха.
Во комплексот на џамијата Ал Акса, ограден плоштад над Западниот ѕид, стотици Палестинци се молеа за време на светиот муслимански месец Рамазан.
Стотици Евреи, исто така, го обиколија комплексот Ал Акса под силна полициска заштита и беа пречекани со свирежи и протести од Палестинците кои се спротивставија на нивното присуство.
Бројот и зачестеноста на ваквите посети на еврејските верници се зголеми во последниве години, на што со сомнеж гледаат многу Палестинци кои стравуваат дека Израел планира еден ден да го преземе верскиот објект или да го подели, пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Израелските власти велат дека немаат намера да го променат долгогодишниот аранжман кој им дозволува на Евреите да го посетуваат, но да не се молат на муслиманското место. Меѓутоа, Израел сега е на власт со најдесничарската влада во својата историја, а екстремните националисти заземаат високи позиции.
Тензиите се зголемија во последните недели околу светото место по рацијата на израелската полиција во џамијата.
Во неколку наврати, Палестинците се забарикадираа во џамијата Ал Акса и користеа камења и петарди, барајќи право да се молат во текот на ноќта, што во минатото Израел го дозволуваше само во последните 10 дена од светиот месец Рамазан.
Полицијата ги отстрани насилно, приведе стотици, а десетици беа повредени.
Насилството околу џамијата предизвика ракетни напади од страна на палестинските милитанти од Појасот Газа и јужен Либан од средата, при што Израел возврати со воздушни напади во двете области.
Доцна во саботата навечер и во неделата наутро, милитантите во Сирија истрелаа две ракети кон Израел и кон Голанската висорамнина анектирана од Израел. Палестинска група лојална на сириската влада со седиште во Дамаск ја презеде одговорноста за првиот ракетен напад, велејќи дека тоа е како одмазда за рациите на џамијата Ал Акса.
Израел одговори со артилериски оган врз областа во Сирија од каде беа истрелани ракетите. Подоцна, армијата објави дека израелски воени авиони ги гаѓале позициите на сириската армија, вклучително и комплексот на сириската четврта дивизија и радарските и артилериските пунктови, пренесува АП.