Повеќе од триесет деца се вратени кај своите семејства во Украина оваа недела по долгата операција за враќање од Русија, каде што беа однесени од окупираните територии за време на војната, соопшти вчера хуманитарната организација „Спасете ја Украина“.
Киев проценува дека речиси 19.500 деца биле однесени во Русија од инвазијата на Москва минатиот февруари, означувајќи ги како нелегални депортации.
Москва, која контролира делови од источна и јужна Украина, негира дека ги киднапирала децата и вели дека тие биле земени заради нивна безбедност.
„Сега се ближи крајот на петтата спасувачка мисија. Таа беше посебна по бројот на деца што успеавме да ги вратиме, а исто така и поради сложеноста“, изјави Микола Кулеба, основач на хуманитарната организација „Спасете ја Украина“.
Оваа организација им помогна на украинските роднини на децата однесени во Русија со логистика, транспорт и планирање потребни за да го направат долгото патување за да ги донесат и да ги вратат своите деца.
Имаше деца кои пет пати ја менуваа локацијата за пет месеци, некои деца велат дека живееле со стаорци и бубашваби“, вели Кулеба.
Децата беа однесени во таканаречените летни кампови од окупираните делови на украинските региони Харков и Херсон, додаде тој. Руското Министерство за надворешни работи не одговори веднаш на барањето за коментар.
Минатиот месец Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова, обвинувајќи ги за незаконско депортирање на деца од Украина.
Москва не ја криеше програмата во која донесе илјадници украински деца во Русија од окупираните територии, туку ја претставува како хуманитарна кампања за заштита на сирачињата и децата напуштени во зоната на конфликтот.
Русија ги отфрли наводите на Меѓународниот кривичен суд, велејќи дека не ја признава јурисдикцијата на судот и ја прогласи за ништовна налогот против Путин и Лвова-Белова.
Лвова-Белова на прес-конференција претходно оваа недела рече дека нејзината комисија дејствувала од хуманитарни причини за да ги заштити интересите на децата во областа каде што се одвиваат воени дејствија и дека таа не придвижува никого против нивната волја или волјата на нивните родители или законски старатели, чија согласност секогаш се барала освен ако не биле исчезнати.