ССМ:Катастрофални законски измени за работничките права за проектот со „Бехтел и Енка“

ССМ

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во реакција на предложените законски измени поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10 -д, денеска ги повика пратениците сериозно да размислат пред да го дадат својот глас за, како што наведуваат, катастрофланите предлози за измени на закони по работничките права.

„Пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работниците кои работат на проекти од национален и стратешки интерес, да немаат слободен ден и да работат во недела“, соопшти ССМ.

Според ССМ на тој начин, не само што државата ќе ги одлее парите на македонските работниците и граѓани - даночни обврзници во странски компании туку сака и да им овозможи на овие компании како Бехтел и Енка да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците.



На дневениот ред на 112-та седница на Собранието закажана за в понеделник се девет предлог закони поврзани со проектот, меѓу кои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка.

Предложени се измени и на законите за земјоделско земјиште, за експропријација, за заштита на културното наследство, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за шумите, за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10д.

Стратешки партнер за изградба на четири автопатски делници на коридорите е„Бехтел и Енка“, а вкупната вредност на проектот е 1,3 милијарди евра, без финансиите за прокетирање и експропријација.