Со предлогот на група пратеници во Собранието за дополнување на Законот за заштита на културното наследство, заради изградба на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10д, се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство, реагира Македонското археолошко друштво.
„Со предложените измени се овозможува бескрупулозно легално уништување на културното наследство во име на стратешко партнерство и јавен (бизнис) интерес, односно како што е наведено во предложениот текст во име на: „Ефикасна имплементација на Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола)‟, се вели во реакцијата.
Предлог-законот кој во понеделник во собранието ќе се носи по брза постапка предвидува изведувачот на градежните работи да има обврска да го пријави откритието до надзорниот инженер, наместо до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи. Археолозите велат дека е ова дрзок предлог на група пратеници со кој се прави целосно заобиколување на Министерството за култура, Управата и надлежните установи за заштита за културното наследство.
„Господата пратеници, отворено и без нималку свест и совест за културните вредности на државата, бараат да се занемари заштитата на културното наследство која како темелна вредност е од исто толку голем јавен интерес за државата и нејзините граѓани и се остварува задолжително на територија на целата држава, без исклучок. Оттука не смеат да се дозволат било какви отстапки и законски процедури со кои остава простор за уништување на културно наследство, без разлика на инвеститорот и стратешкиот интерес“, се наведува во соопштението од Македонско археолошко друштво.
Видете и ова: Најскапиот километар од коридорите 8 и 10-Д ќе изнесува 18, 4 милиони евраОттаму го повикаа пратеникот Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратениците предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство.
Македонското археолошко друштво, за в понеделник во 10 часот, најави дека пред Собранието ќе го искаже својот револт од предлогот на пратеничка група за измени во Законот за заштита на културното наследство.