Претседателот на Ирак, Абдел Латиф Рашид ја осуди Турција за нападот на областа во близина на аеродромот Сулејманија и ја повика Турција да се извини, пренесува Ројтерс.
„Турските воени операции во регионот на Курдистан продолжуваат, а најновото е нападот (во петокот) на цивилниот аеродром во Сулејманија“, рече Рашид во соопштението.
Рашид, и самиот Курд од Сулејманија, рече дека таквите акции на турските сили „немаат правно оправдување“ и служат само за „тероризирање на цивилите под изговор дека непријателските сили се присутни во Ирак“, мислејќи на Курдистанската работничка партија (ПКК), која има присуство во ирачкиот регион Курдистан и е на црната листа на Турција како „терористичка“ организација.
Официјален претставник на турското Министерство за одбрана за Ројтерс изјави дека немало операција на турските вооружени сили во регионот на 7 април.
Турција постојано се обидуваше да ги елиминира бунтовничките групи во воздушни и копнени операции.
Во понеделникот, Анкара ги запре летовите од и до Сулејманија до 3 јули, поради поради, како што соопшти, зголемената активност во областа на борците од Курдистанската работничка партија (ПКК).
Министерството за надворешни работи на Турција тогаш објави дека активностите на ПКК претставуваат „закана“ за воздушната безбедност на земјата.