Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повтори дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени, оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
По повикот што вчера повторно го упати вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ до ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во процесот и во рамки на работната група да ги кажат ставовите Мицкоски рече дека повеќе нема да се занимава со тоа прашање.
„И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандамни, се драфтираат, итн... Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со тоа прашање, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работатата на Комисијата која ја формира Министерството за правда а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени“, рече Мицкоски, на новинарско прашање при посетата на Булачани.
Претходно и од Демократскиот сојуз соопштија дека нема да партиципираат во работната група за измени во Уставот.
Инаку, рокот што Министерството за правда го постави во дописот до институциите и политичките партии да номинириаат претставници во работната група за измени на Уставот истекува во понеделник.
Работната група треба да го подготви текстот на уставните амандмани, вклучително и текстот на Преамбулата за внесување на Бугарите и други помали заедници во државата, неопходни за Македонија да почне со отворање на поглавјата во преговорите со Европската унија. Откако ќе бидат подготвени уставните амандмани во работната група, ќе бидат испратени во Собранието, каде за промената на Уставот е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници.