Демократскиот сојуз нема да учествува во работната група за промена на Уставот и смета дека пред да почне постапка зa внесување на Бугарите во Уставот, неопходно е од Бугарија да се обезбеди реципроцитет.
Тие бараат Македонците да бидат признаени и да можат да се организираат и здружуваат преку формирање културни центри, здруженија на граѓани, политички партии и други форми на асоцијации, заради негување и афирмација на културните, јазичните, историските и другите обележја, права кои во Македонија ги имаат сите етнички заедници, вклучително и Бугарите.
„Сѐ додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, Македонија не треба да почнува постапка за промена на Уставот. Поради тоа, Демократскиот сојуз нема да номинира свој претставник во работната група за промена на Уставот“, велат од партијата.
Демократскиот сојуз дополнително бара Владата директно, како и со помош на ЕУ и САД, да инсистира на признавање на Македонците во Бугарија.
„Признавањето на Македонците во Бугарија ќе биде мал чекор на официјална Софија, но со историски димензии и почеток на нормализација на односите помеѓу Македонците и Бугарите, како и помеѓу двете држави, Македонија и Бугарија“, се вели во соопштението од Демократскиот сојуз.
Инаку, рокот што Министерството за правда го постави во дописот до институциите и политичките партии да номинириаат претставници во работната група за измени на Уставот истекува во понеделник.
Дописот беше испратен во вторникот до Кабинетот на Претседателот на државата, МНР, СЕП и парламентарните политички партии кои треба да одговорат најдоцна до 10 април.
Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право. Во четвртокот претседателот Стево Пендаровски потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од СЕП кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Во меѓувреме, Софија повтори дека уставните измени се внатрешно прашање на Северна Македонија.