Според соопштението на украинскиот Генералштаб објавено рано утринава на 8 април, руската војска продолжува да го гаѓа истокот на земјата, фокусирајќи се на Лиман, Бахмут, Авдијивка и Маријнка во регионот на Доњецк.
Војската на Киев објави дека нејзините сили одбиле 60 напади во текот на изминатиот ден.
„Во текот на изминатите 24 часа, непријателот изврши два ракетни и 35 воздушни напади, изврши повеќе од 40 напади од системи за лансирање ракети“, се вели со соопштението на украинскиот Генералштаб.
Украинската војска, исто така, соопшти дека руските окупациски сили во регионите Запорожје и Херсон прават подготовки за, како што Киев вели, евакуација на цивили на Крим.
Рускиот претседател Владимир Путин, за кого е издаден налог за апсење од Меѓународниот кривичен суд, и нареди на својата војска да добие целосна контрола врз Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Украина најави дека наскоро ќе започне контраофанзива за да врати повеќе територии.
Осуммесечните обиди на Русија да ја преземе контролата врз Бахмут, заедно со одбраната на градот од страна на Украина, доведоа до најдолгата и потенцијално најкрвавата битка во инвазијата што Путин ја започна на 24 февруари 2022 година.