Политика и краставици

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - На прашањето дали Бугарија треба да стави повторно вето на Северна Македонија за членство во ЕУ, бугарскиот технички премиер Галаб Донев изјави дека тоа не е најправилното решение, туку треба да се бара позитивен дијалог и патишта за да се приближат позициите.

РУСИЈА - Русија планира да произведе 120 милиони тони житарици оваа година, објави денеска тамошното Министерство за земјоделство, што сигнализира значително помало производство отколку во рекордната 2022 година.

ВАТИКАН - Папата Франциско, кој ја напушти болницата минатиот викенд по напад на бронхитис, ќе го прескокне патот на крстот на Велики петок, поради студеното време, се вели во соопштението на Ватикан објавено на 7 април.

СРБИЈА / КОСОВО - Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција на 7 април по средбата со претставниците на Србите од Косово најави заедничка платформа за изборите на северот на Косово и за сите идни случувања. Платформата треба да биде објавена за седум дена.

МАКЕДОНИЈА - Нема зголемување на платите на вработените во културата и покрај протестите. Тие на 7 април имаа средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, но тој не го прифати барањето за зголемување на платите. Бесими на средба ги прими претставниците на УПОЗ и министерката за култура, но не го прифати барањето да се склучи нов Колективен договор со кој платите ќе им се зголемат за 30 проценти.

МАКЕДОНИЈА - Владата по една недела откако одлучи да ги замрзне цените на 11 видови овошје и зеленчук на седница на 11 април ќе ги ревидира замрзнатите цени, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Корекцијата ќе следи оти увозниците пријавиле дека се зголемени цените за увоз на домати и краставици. Со тоа доматите и краставиците ќе добијат нова повисока замрзната цена.

УКРАИНА - Објавувањето тајни документи кои детално ги опишуваат плановите на Соединетите Американски Држави и НАТО да му помогнат на Киев делува како руска операција за дезинформации за да се посее сомнеж во планирањето на контраофанзивата во Украина, изјави денеска претставник на украинскиот претседател.

РУСИЈА - Кина нема да ја промени својата позиција за конфликтот во Украина под надворешен притисок, изјави на 7 април портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

ИЗРАЕЛ - Две Израелки загинаа, а трета е тешко повредена во престрелки на Западниот брег на 7 април, соопштија израелските власти, пренесува Ројтерс. Израелската армија соопшти дека било пукано врз возило во близина на Хамр.

МАКЕДОНИЈА - Секретаријатот за европски прашања (СЕП) најдоцна до понеделник ќе го соопшти името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.