Српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција на 7 април по средбата со претставниците на Србите од Косово најави заедничка платформа за изборите на северот на Косово и за сите идни случувања. Платформата треба да биде објавена за седум дена.
Тој повтори дека претставниците на Србите нема да учествуваат на изборите на северот на Косово закажани за 23 април.
Вучиќ не соопшти никакви детали од состанокот наведувајќи дека следните консултации на тимовите на Србија и претставниците на Србите од Косово ќе се одржат во Рашка на југот на Србија, по што ќе излезат со „заедничка платформа".
Како што наведе, платформата ќе вклучува безбедносни, политички, економски и социјални мерки за српското население на Косово. Вучиќ не наведе за какви мерки станува збор.
Вонредни избори во општините на северот на Косово се одржуваат откако градоначалниците кои дојдоа од редовите на Српската листа поднесоа оставки во ноември минатата година во рамки на колективното излегување на Србите од косовските институции.
Тоа го направија поради одлуката на Владата на Косово за пререгистрација од српски на косовски таблички, која подоцна беше суспендирана со договор со Србија во рамките на дијалогот.
Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, не се пријави за учество на локалните избори на северот на Косово до крајниот рок на 22 март.
САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија на 24 март објавија дека вонредните локални избори на северот на Косово се во согласност со законите и изразија жалење што Српската листа не го искористи својето „ демократско право да учествува во нив“.