Владата по една недела откако одлучи да ги замрзне цените на 11 видови овошје и зеленчук на седница на 11 април ќе ги ревидира замрзнатите цени, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Корекцијата ќе следи оти увозниците пријавиле дека се зголемени цените за увоз на домати и краставици.
„Процентуално колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, толку процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа ,процентуално ќе се намали цената на тој производ, а ако е истата ќе остане иста цената“, изјави Бектеши по средбата со увозниците на овошје и зеленчук во Министерството за економија.
Тој прецизира дека ниту еден од производите кои беа наведени во одлуката за замрзнување на цените нема да има повисока цена од 100 денари за килограм.
„И покрај најавените корекции нема да има цени како пред 10-ина дена кога во малопродажба се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 денари и погоре“, рече Бектеши.
Од 5 април па до крајот на месецот замрзнати се цените на 11 овошки и зеленчуци (домати, краставици, пиперки, кромид, карфиол, грав, леќа, банани, портокали, мандарини, лимони).