Објавувањето тајни документи кои детално ги опишуваат плановите на Соединетите Американски Држави и НАТО да му помогнат на Киев делува како руска операција за дезинформации за да се посее сомнеж во планирањето на контраофанзивата во Украина, изјави денеска претставник на украинскиот претседател.
Објавените податоци за кои пишуваше Њујорк тајмс содржат „голема количина фиктивни информации“, изјави Михајло Подољак за Ројтерс. Тој додаде дека Русија се обидува да ја поврати иницијативата во инвазијата.
„Ова се само стандардни елементи во оперативните игри на руската разузнавачка служба и ништо повеќе“, наведе Подољак во пишаната изјава.
Ројтерс не беше во можност да ги разгледа протечените документи.
Њујорк Тајмс вчера извести дека Пентагон истражува како документите кои детално ги наведуваат плановите за јакнење на украинската војска за планираната офанзива беа објавени на канали на социјалните мрежи оваа недела.
Документите беа објавени на Твитер и на Телеграм, а службеници од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден работат на отстранување на документите од социјалните мрежи.
„Русија бара каков било начин да го поврати замавот“, рече Подољак.
„Да се обиде да влијае на сценаријата на украинските контраофанзивни планови, да посее сомнеж, да ги компромитира... идеите и на крај да нè заплаши со тоа колку се информирани“, рече тој.
Украинската војска со месеци се соочува со руски напади на истокот, фокусирани околу Бахмут. Се надеваат дека ќе покренат контраофанзива во наредните недели или месеци за да ја повратат територијата која ја држи Русија.
Во извештајот на Њујорк тајмс се наведува дека документите изгледаат модифицирано во одредени делови, американските проценки за украинските жртви се преувеличени, а руските смалени, наведуваат аналитичарите со кои разговарал Њујорк Тајмс.
Модификациите упатуваат на можен обид за ширење дезинформации во режија на Москва, наведуваат аналитичарите.
Сепак, објавата на делови од оригиналните документи, што вклучува и фотографии на градовите каде што се очекува испорака на оружјето, проценките на силата на баталјоните и другите планови, претставуваат значаен безбедносен пропуст на американските безбедносни служби, пишува Њујорк тајмс.
Во документите нема конкретни борбени планови во кои стои како, кога и каде Украинците планираат да ја покренат офанзивата, за која американските претставници велат дека е „веројатна“ во наредните околу еден месец.
Документите, според американскиот весник, се стари околу 5 недели и се однесуваат на американскиот и украински поглед на офанзивата, кој датира околу 1 март, односно донесува преглед на она што на Украинците би им требало за офанзивата.