Секретаријатот за европски прашања (СЕП) најдоцна до понеделник ќе го соопшти името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Одговарајќи на новинарски прашања, на прес-конференција на 7 април Маричиќ рече дека СЕП активно ќе учествува во таа работна група, а институцијата ќе ја претставува лице со искуство и ќе може да даде придонес во работната група.
Маричиќ денеска одржа заедничка прес-конференција со министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ.
Вицепремиерот за европски прашања вели дека работната група за уставните измени е многу важна и се надева дека и сите политички партии ќе номинираат свој претставник. Ги повика да учествуваат во разговорот за процесот на уставни измени затоа што прашањето, како што рече, „порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат“.
Видете и ова: Министерство за правда- Барања поврзани со уставните измени ќе бидат разгледани од работната групаНаместо ставови да се изнесуваат секој ден на прес-конференции, изјави и со партиски препукувања, таа работна група, рече Маричиќ, е вистинското место за дискусија, за размена на идеи, давање предлози и за дефинирање на Преамбулата и двете точки што треба да се променат во Уставот.
Работната група треба да ги составува амандманите на Уставот, а предвидено е свој член да имаат парламентарните политички партии, претседателот на државата, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертите за уставни прашања. Тие треба да номинираат претставници најдоцна до 10-ти април.
Отворањето на Уставот се прави за да се внесат Бугарите во него, услов потребен за Македонија да почне отворање на поглавја во преговорите со Европската унија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека уставни измени нема да има и засега е со став дека нема да учествува во оваа работна група, бидејќи ваквиот процес го смета за нелегитимен.