На поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков му застаре уште едно дело. Станува збор за предметот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности сторени на локалните избори во 2013. На денешен ден се навршуваат 10 години од денот кога наводно го сторил делото за кое беше обвинет. Овој предмет двапати се враќаше на повторно судење.
Апелациониот суд во 2019 ја укина првата пресуда, по што пак имаше судење. На 23 јануари годинава Судот пак ги осуди Мијалков и други обвинети, но тие пак ја обжалија пресудата пред Апелација. Апелациониот суд за на 13 април закажа седница за овој предмет, но дотогаш делото за Мијалков застари.
Тој беше осуден за две години казна затвор за примање награда за противзаконско влијание“.
Видете и ова: Мијалков и Тачи осудени по втор пат за Титаник 2 на две години затворПоранешниот шеф на УБК беше обвинет од страна на поранешното Специјално обвинителство за четири дела. За случајот Тортура доби ослободителна пресуда, за „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ му се суди повторно, а за „Плацеви на Водно“, доби условна казна.
Мијалков сега е во затвор во Струга за делото „Империја“ , за кое призна вина и доби три години затвор.
За „Титаник 2“ осудени се и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи како и тогашните членови на Државната изборна комисија (ДИК), Бедредин Ибраими од ДПА и Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од ВМРО – ДПМНЕ. За нив овој предмет продолжува.