Повеќе од 40 руски напади во изминатите 24 часа имало долж линијата на фронтот во Бахмут, соопшти украинската војска на 7 април. Во исто време, американската влада го истражува протекувањето на документи во кои има детали за плановите на САД и НАТО да обезбедат воена помош за можна украинска офанзива во наредните недели.
Украинскиот Генералштаб во дневниот брифинг на 7 април соопшти дека биле пријавени борби околу Лиман, Бахмут, Авдијивка и Маријнка, опишувајќи ги судирите како „жестоки“.
РСЕ не е во можност самостојно да ја потврди информацијата.
Портпаролот на Источната воена команда Серхиј Черевати за Ројтерс изјави дека Украина ја контролира ситуацијата во Бахмут, дека руските намери им се јасни и дека Москва на некои места имала тактички успех, но плаќа висока цена за тоа.
„Ситуацијата е тешка, непријателот прави максимални напори да го заземе Бахмут. Сепак, тие трпат сериозни загуби и не постигнуваат стратешки успех“, рече Черевати.
Портпаролката на американското Министерство за одбрана Сабрина Синг изјави доцна на 6 април дека Вашингтон го разгледува објавувањето на документи на социјалните мрежи кои содржат детали за испораките на оружје во Украина, како и други осетливи информации.
Документите, кои се стари најмалку пет недели, а најмалку еден од нив е означен како „строго доверливо“, циркулираа на проруски канали на Твитер и Телеграм. Воените аналитичари велат дека некои од документите се чини дека се изработени за, меѓу другото, да се зголемат проценките за украинските жртви и да се намалат оние за руските загуби.
Документите вклучуваат информации за употребата на муниција од страна на Украина за ракетните системи ХИМАРС и друго напредно вооружување.
„Њујорк тајмс“ го нарече протекувањето на документите „голем државен удар за Москва“ што може „да наштети на размената на разузнавачки информации меѓу Украина и САД“.