Кремљ: Путин и Лукашенко не разговарале за распоредување на стратешко нуклеарно оружје

Владимир Путин и Александр Лукашенко

Рускиот претседател Владимир Путин не разговарале за распоредувањето на руското стратешко нуклеарно оружје, интерконтинентални балистички ракети, во Белорусија со неговиот колега Александар Лукашенко, твдеше денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Путин минатиот месец објави дека Русија ќе распореди тактичко нуклеарно оружје со помал дострел на територијата на својот сосед, потег што Москва вели дека бил поттикнат од проширувањето на воената алијанса на НАТО кон руските граници.

Видете и ова: Препукувања на Русија и САД во ОН поради тактичкото нуклеарно оружје во Белорусија


Претходно во четвртокот, Кремљ ја бранеше својата одлука за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, отфрлајќи ги критиките од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тактичкото нуклеарно оружје е нуклеарно оружје со ограничена јачина наменето за употреба во помала област. Тоа е спротивно на стратешкото нуклеарно оружје кое се користи за уништување големи области.

Портпаролот Песков им рече на новинарите дека НАТО се шири кон Русија, а не обратно, и затоа Москва мора да преземе чекори за одбрана на сопствената безбедност.

Видете и ова: Столтенберг вели дека Русија не го менува нуклеарниот став


Финска стана 31-ва членка на НАТО во вторникот, завршувајќи ја историската промена во безбедносната политика предизвикана од руската инвазија на Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави пристапот на Финска во Алијансата и ги повика Турција и Унгарија да го завршат процесот на ратификација за да може Шведска да се приклучи на воената алијанса „без одлагање“.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во вторникот изјави дека пристапот на Финска во НАТО и потегот на Алијансата да ја зајакне сопствената борбена готовност го зголемуваат ризикот од конфликт.

Истиот ден, Кремљ објави дека ќе биде принуден да преземе „контрамерки“ за да ја обезбеди безбедноста на Русија како одговор на пристапувањето на Финска во НАТО.