Демонстрантите излегоа на улициво иранската престолнина Техеран доцна на 5 април за да го одбележат роденденот на Хамид Реза Рухи, кој беше убиен во бруталното државно задушување на антивладините протести предизвикани од смртта во притвор на 22-годишната Махса Амини по нејзиното приведување од полицијата за морал.
19-годишниот студент наводно бил застрелан во близина на неговиот дом во Техеран на 18 ноември. Аматерските видеа објавени на интернет на 5 април покажуваат дека демонстрантите извикуваат слогани против естаблишментот, вклучително и „Смрт за диктаторот“ и повикуваат на „слобода, слобода“.
Жените кои протестираа против убиството на Рухи и Амини ги тргнаа своите задолжителни шамии додека извикуваа „жена, живот, слобода“. Дел од медиумите јавуваат дека демонстрантите му оддале почит на Рухи околу неговиот дом, а некои јавувват и дека имало судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите.
Повеќе од 500 луѓе, вклучително и деца, се убиени во задушувањето на протестите против естаблишментот во Иран, објавија организациите за заштита на човекови права. Се проценува дека се уапсени околу 20.000.
Иранското правосудство донесе строги казни за оние кои се прогласени за виновни за злосторства за време на протестите, а досега најмалку четири лица се егзекутирани во врска со немирите. Протестите што ја потресоа земјата неколку месеци станаа една од најголемите закани за исламската република од револуцијата во 1979 година. Иранските лидери ги обвинија САД и Израел за немирите.