Курти- Подготовките за избори во северот на Косово се во тек

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека институциите ги прават сите подготовки за организирање на вонредни избори на 23 април во четири општини на северот на Косово: Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.

На прашањето на претставниците на опозицијата на седницата на Собранието на Косово, Курти рече дека се доделени потребните алатки за овој процес и дека никој не смее и не може да ги крши правата на граѓаните при спроведувањето на редовниот изборен процес.

„Политичкиот плурализам и пред се правото на слободно гласање и слободата на српската заедница се од суштинско значење. Секој што продолжува да го крши ова основно право нема ништо да очекува освен одговор од нашите институции со силата на законот“, рече Курти.

Видете и ова: Курти – Договорот за нормализација мора брзо да се спроведе

Тој рече дека е издвоен потребниот буџет за организација на изборите и дека другите институции вклучени во овој процес ги прават потребните подготовки.

Пратеничката на Демократската партија на Косово Аријана Муслиу - Шоши изјави дека Централната изборна комисија на Косово се соочува со многу проблеми во процесот на организирање избори.

Како што рече, главни предизвици со кои се соочуваат вработените во Комисијата биле доставувањето на изборниот материјал, неможноста за користење на избирачките места, како и недостатокот на безбедност.

Курти призна дека безбедносната состојба на север е проблематична, но нагласи дека институциите ќе си ја завршат работата.

Градоначалниците на четири општини во северниот дел на Косово, како и советниците на локалните собранија, минатата година поднесоа оставки од своите функции, како спротивставување на одлуката на косовската влада да ги отстрани нелегалните регистарски таблички од Србија и да ги замени со таблички од Косово.

Вонредните избори во овие општини требаше да се одржат на 18 декември минатата година, но косовските институции беа принудени да ги откажат бидејќи групи граѓани таму предизвикаа инциденти. Маскирани групи ги оштетија канцелариите на општинските изборни комисии на север.