„Огнената група“ како фракција на ДУИ бара отстранување на „формулата 20 проценти“ од Уставот

Колаж од фотографии од лидерот на ДУИ, раководството на партијата и припадниците на т.н. Огнена група

Членовите на таканаречената „Огнена група“ на владејачката партија ДУИ денеска соопштија дека официјално почнуваат да фунционираат како фракција на партијата. На прес конференција пред медиумите ги презентираа своите причина за постапката, како и своите барања и предлози до власта.

Градоначалникот на скопската општина Чаир Висар Ганиу изјави дека нивниот потег е демократски чин на изразување на поинакво мислење и дека тоа ќе ѝ помогне на партијата да ги исправи пропустите во своето функционирање и додаде дека нивната намера не е да го загрозат ДУИ.

„Но мора да нагласиме дека има двојни стандарди за време на дебатите и носењето на одлуките. Нашиот предлог за гласање недоверба на министрите беше одбиен. Органите на ДУИ не функционираат според Статутот.Политичките одлуки се носат исклучиво од министрите на ДУИ. Органите се третираат како декор“, изјави Ганиу.

Членовите на „Огнената група“ смеаат дека актуелните министри во Владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки. Ганиу посочи дека меѓу нив и ДУИ има разлики во ставовите околу спроведувањето на албанскиот јазик во пракса и изнесе неколку предлози за власта, меѓу кој и да се тргне од Уставот формулата „20 проценти“.

„Никаде и никој не го спомнува придонесот на ОНА. Сметаме дека треба да се направи закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА. Време е да предложиме дијаспората да гласа по електронски пат и државата да обезбеди услови за тоа. Законот за казината треба да биде предмет на јавна дебата и ние сме за тоа тие да бидат надвор од населени места“, вели Ганиу.

Тој истакна дека „Огнената група“ е против зголемување на платите на функционерите и бараат да се зголеми минималната плата на 500 евра, да се зголеми просечната плата, да се зголемат платите на вработените во администрација. Дополнително бараат и спроведување во целост на децентрализацијата на општините со цел нивно зајакнување.

Видете и ова: Ахмети - фракции во ДУИ не се дозволени

Претходно лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека фракција врз основа на статутот на ДУИ и одлуките на Конгресот, не се дозволени.

„Да го почекаме Конгресот, на Конгресот јас повторно ќе предложам, со најдобра цел да победи мојот предлог за непризнавање на фракции во ДУИ. Секоја постапка надвор од Статутот е анархија. А анархијата е најголемиот непријател на демократијата“, изјави на 1 април Ахмети.

За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар. Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.