Полска се надева на брзо пристапување во ЕУ на Молдавија

Архивска фотографија полскиот премиер Матеуш Моравјецки

Брзо пристапување на Молдавија во Европската унија е можно, изјави денеска полскиот премиер Матеуш Моравјецки. Кишињев се обидува да се приклучи на блокот поради стравувањата дека може да биде вовлечен во конфликтот во соседна Украина.

Молдавија доби статус кандидат за членство во ЕУ во 2022 година заедно со Украина како поттик на прозападните амбиции на нејзината влада која постојано ја обвинува Русија дека се обидува да ја дестабилизира земјата.

Поранешната советска република со 2,5 милиони жители се граничи со Украина и има руски мировници стационирани во промосковскиот отцепен регион Придњестровје.

„Верувам дека е можен забрзан пат. Или тоа ќе биде навистина брза патека, или преговорите ќе се заглават во долги разговори.Се надевам дека Европската унија пошироко ќе се отвори кон Украина и Молдавија“,изјави Моравјецки за време на посетата на Кишињев.

Видете и ова: Молдавската полиција спречила заговор за немири поддржан од Русија


Молдавскиот премиер Дорин Ресин му се заблагодари на Моравјецки за поддршката од Полска.

„Реформите што ги спроведуваме не приближуваат до Европската унија. И покрај сите предизвици и кризи, разбравме дека можеме побрзо да се движиме по патот на интеграцијата со ЕУ, изјави Ресин.

Тој стана премиер во февруари, откако неговата претходничка Наталија Гаврилита поднесе оставка по турбулентните 18 месеци на власт, обележани со економски превирања и последиците од руската инвазија на Украина.