МВР заплени легална марихуана наменета за црн пазар

Запленета марихуана од полицијата

Запленета е 100 килограми високо квалитетна марихуана која најверојатно потекнува од легална фабрика за производство на масло од канабис медицински цели, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Вредноста на запленетата дрога на црниот пазар може да достигне и 600 илјади евра. Полицијата соопшти дека марихуаната е запленета во патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски таблички во Неготино.

„Притоа, возачот Б.А. се обидел да избега, но набргу бил фатен, а при преглед во возилото била пронајдена дрогата. Набргу, по преземени мерки било пронајдено и запрено и возилото „шкода октавија“, кое го управувал М.А., а совозач бил Н.А., кое играло улога на претходница на возилото „мерцедес“. Подоцна, со судска наредба, биле извршени претреси во домовите на приведените лица, при што кај М.А. биле пронајдени и одземени два пиштола, кои ги поседувал без дозвола, соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.

Во текот на денот, како што најавуваат од МВР, ќе бидат извршени вонредни контроли во фабрики за производство на масло од канабис за медицински цели во околината на Кавадарци и Неготино.

Видете и ова: Приведени дилери во близина на фирма за медицински канабис


Минатата недела полицијата приведе петмина дилери со 4 килограми марихуана изнесена од компанија која има дозвола за производство на канабис за медицински цели.

По приведувањето на петмината мажи, полицијата по наредба на Основниот суд Битола извршила претрес во фирмата која има лиценца за производство на канабис, и констатирала неправилности во поглед на производство, одгледување и складирање на медицинскиот канабис, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Видете и ова: Три македонски банди го држат црниот пазар со дрога

МВР не соопштува повеќе детали од ова. Но, според претходно објавените полициски билтени ова не е прв пат да се откријат неправилности во работењето на фирмата која има дозвола за производство на канабис во село Кравари.
Во октомври минатата година беше објавена вест дека при извршен претрес било пронајдено поголема количина на произведена марихуана од таа што ја пријавиле во Комисијата надлежна за тоа, која е дел од Министерството за здравство.